Lathyrus sphaericus
| Lathyrus sphaericus | |
|---|---|
| Научна класификација [ у ] | |
| Царство: | Растенија |
| клад: | Скриеносеменици |
| клад: | Евдикоти |
| клад: | Розиди |
| Ред: | Бобовидни |
| Семејство: | Бобови |
| Род: | Граор |
| Вид: | Lathyrus sphaericus |
| Научен назив | |
| Lathyrus sphaericus Retz. | |
Lathyrus sphaericus — едногодишен вид цветно растение од семејството бобови. Обично расте во висина од 15 до 30 сантиметри и носи карактеристични цветови со ќерамидесто-црвена боја. Видот е автохтон главно во медитеранските и субмедитеранските региони, со широка распространетост од јужна Европа и Северна Африка до Западна Азија. Претпочита суви почви богати со хранливи материи и најчесто се наоѓа во нарушени живеалишта, вклучувајќи покрај патишта, лозја, ниви и пасишта. Неодамна е повторно откриен во Словачка по долго отсуство, таму се смета за критично загрозен вид, што ги одразува тековните промени во неговата распространетост, веројатно под влијание на затоплувањето на климата.[1]
Опис
[уреди | уреди извор]Lathyrus sphaericus е едногодишно зелјесто растение кое обично достигнува височина од 15–30 см. Неговите стебла растат исправено или повремено се искачуваат, а и стеблата и лисните дршки (петелките) имаат малку или никакви крилести израстоци. Листовите се состојат од еден пар листенца, при што секое ливче е со должина помеѓу 2 и 8 см и без влакна. Овие ливчиња се линеарни до копјести, со паралелни вени кои се протегаат по нивната должина. Долните листови генерално завршуваат со остар, четинест врв, додека горните листови завршуваат со едноставен, неподелен ластар кој помага при искачувањето.
Присутни се мали, тесни прилисници (лиснати додатоци во основата на лисната дршка), со форма што наликува на врв на стрелка (sagittate). Секое цветно стебло (педункул) носи само еден цвет и е изразито издолжено, при што изгледа како да продолжува зад самиот цвет поради присуството на мал прицветник (брактеол). Чашката е без влакненца, а нејзините запци — кратки, зашилени структури на врвот — се со речиси еднаква должина и се само малку подолги од цевчестата основа.
Цветовите се со боја на ќерамида (ќерамидесто-црвени) и се со должина од околу 10 mm. По цутењето, растението произведува сплескани, мазни мешунки со големина помеѓу 4 и 6 mm. Овие мешунки содржат сферични, мазни семиња со пречник од околу 4–5 mm, од кои видот го добил и своето име (sphaericus). Цутењето обично се случува во мај. Растението има број на хромозоми од 2n = 14.[2][3]
Според надворешниот изглед, Lathyrus sphaericus наликува на неколку други видови, особено на Lathyrus cicera, кој се разликува по тоа што има чашкини запци кои се од 1,5 до 3 пати подолги од цевката на чашката и поголеми, аглести семиња. Два други слични вида, Lathyrus setifolius и Lathyrus angulatus, не се застапени во Швајцарија, што дополнително помага при идентификацијата во рамките на неговиот автохтон опсег на распространетост.
Живеалиште и распространетост
[уреди | уреди извор]Lathyrus sphaericus обично расте на топли, умерено сончеви локации. Претпочита глинести почви, кои на моменти можат да бидат нестабилни, и кои се или варовнички (содржат калциум карбонат) или неваровнички, но општо земено суви и богати со хранливи материи. Видот е често кратковечен и опортунистички, најчесто застапен покрај патишта, во нарушени средини, лозја, пустелии, ниви, необработени површини и на пасишта за овци со екстензивно пасење. Исто така, може да расте на рабовите од суви дабови шуми и грмушести области, како и во суви, расфрлани тревни површини. Во Швајцарија, неговиот висински опсег се протега од околу 380 до 1030 метри надморска височина, додека во Италија се среќава од морското ниво па сè до 1200 метри.[4]
Видот зафаќа широк еколошки опсег. Природните живеалишта ги опфаќаат специфичните тревни заедници како што се Festucetalia vallesiacae и Sedo-Scleranthetalia, заедно со асоцијации како Jasione-Brometum и Geranion sanguinei. Исто така, може да се појави на неодамна напуштени житни ниви, степски фрагменти во рамките на лозарските подрачја и во различни покрајпатни и рудерални (нарушени) растителни заедници.
Lathyrus sphaericus е главно распространет низ медитеранските и субмедитеранските региони, од Иберискиот Полуостров на запад до Балканот на исток. Северната граница на неговиот ареал приближно ја следи долината на Лоара во Франција, преку јужните рабови на Алпите во Швајцарија и Италија, протегајќи се подалеку на исток до Унгарската Котлина по должината на реката Дунав и во Крим. Дополнителни популации постојат на Родос (Грција), во регионот на Кавказ, Северна Африка и Мадеира.Повремени, преодни појавувања се забележани понатаму на север во јужна Германија, на данскиот остров Борнхолм, а на север дури до Шведска.
Во 2020 година, Lathyrus sphaericus било повторно откриен во Словачка, откако повеќе од 90 години се сметаше за регионално исчезнат. Популација била пронајдена на сувите, каменести падини на ридот Куса Хора во близина на Козаровце, во јужниот дел на планините Штиавнике Врчи во југозападна Словачка. Овој локалитет се одликува со суви тревни површини богати со видови, типични за топли живеалишта на вулканска матична карпа. Поради ова повторно откривање, статусот на видот во Словачка бил ажуриран од регионално исчезнат во критично загрозен. Неговото неодамнешно појавување во Словачка следи слични забелешки во блиската северна Унгарија, што сугерира дека климатските промени и потоплите услови можат да го олеснат понатамошното ширење на ова средоземноморско растение кон север.[1]
Во Македонија расте по брдски пасишта, по меѓите на нивите, покрај елово-букови шуми и други станишта. Видот е познат за Скопје, Катлановска Бања, Скопска Црна Гора, Гостивар, Мавровско, Таорска Клисура, клисурата на реката Пчиња, Битола, Охрид, Галичица, Крива Паланка, Кочани, Струмица, Гевгелија.[5]
- Живеалиште
- Цвет
Наводи
[уреди | уреди извор]- 1 2 Olejková, Dagmar; Košťál, Jaroslav; Ďurišová, Ľuba; Eliáš Jr., Pavol (2022). „Yellow vetchling (Lathyrus aphaca L.) and round-seeded vetchling (Lathyrus sphaericus Retz.) – two species rediscovered for the flora of Slovakia“ (PDF). Thaiszia – Journal of Botany. 32 (1): 55–65. doi:10.33542/TJB2022-1-04.
- ↑ BSBI List 2007 (xls). Botanical Society of Britain and Ireland. Архивирано од изворникот (xls) на 26 јуни 2015. Посетено на 2014-10-17.
- ↑ „Lathyrus sphaericus“. Служба за заштита на природните ресурси при USDA — база PLANTS. Посетено на 23 January 2016.
- ↑ Käsermann, Christoph (1999). „VU Lathyrus sphaericus RETZ–Gesse à graines sphériques–Fabaceae“. Fiches pratiques pour la conservation: plantes à fleurs et fougères (француски). Berne: Office fédéral de l'environnement OFEV.
- ↑ Мицевски, Кирил (2001). Флора на Република Македонија Том I, св. 5. Скопје: МАНУ. стр. 1248–1249.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Фото галерија
- Lathyrus sphaericus Израелски диви цвеќиња
|